Во Тоде Хаџи-Тефов започнаа советувањата на родителите

Posted by Уредник on 14/03/2012 in Последни настани |

Согласно позитивните законски прописи во ООУ „Тоде Хаџи Тефов“,на 06.03.2012 година започна имплементирањето на Програмата – Советување на Родители.

Први кои се вклучија во процесот и кои детално се запознаа со специфичностите на оваа програма беа наставниците.

Тие беа информирани за обврските и важноста на нивната улога за успешноста на оваа иницијатива преку едно часовна презентација.

Во истата беше наведено дека – на советување се повикуваат родителите на деца кои ги исполнуваат следните критериуми:

1. Имаат 3 негативни оценки или намален успех за повеќе од 2 оцени, по три или повеќе предмети (во текот на едно тромесечје)

2. Имаат 10 неоправдани или 100 оправдани отсуства

3. Имаат несоодветно однесување во училиштето (каде влегуваат категориите на неморално или неетичко однесување, асоцијално и антисоцијално oднесување).

Наставниците конструктивно дискутираа за предностите од поинтензивно вклучување на родителите во воспитно – образовниот процес на децата и изразија голема подготвеност за соработка во сите моменти од имплементирањето на истата – се со цел:

– да се подобри комуникацијата и соработката со родителите и

– голем број ученици кои пројавуваат несоодветно однесување и слаб успех да успеат да се вратат во норма и да се изградат како стабилни и продуктивни личности.

Советувањето на родители во ООУ. Тоде Хаџи Тефов ќе го прават педагогот во училиштето – Анастасија Китева и психологот Љубица Кочова.

По тој повод, тие изјавија:

„ Советувањето на родители е нешто кое што навистина беше потребно да се примени во училиштата. Иако нашето училиште нема премногу ученици кои ги исполнуваат критериумите, сепак сметаме дека програмата ќе влијае превентивно во многу аспекти. На овој начин ќе постигнеме еден симултан и координиран пристап кон учениците кои почнуваат да се пројавуваат надвор од општо прифатените правила и норми и навремено да спречиме нивно понатамошно повторување.

Свесни сме дека родителите можеби и нема да се чувствуваат најкомфорно кога ќе бидат повикани (и можеби ќе чувствуваат одредена доза на срам). Но ние апелираме дека ова е за доброто на нивните деца и дека нивната соработка со наставниците и стручните служби на училиштето е многу важна во овој момент. Свесни сме секако и дека ова, како многу осетлива тема за голем број родители, бара  одредена мера на дискретност и професионализам што сите вработени од училиштето сме подготвени да ги дадеме.

Ние како училиште и стручна служба го поздравуваме имплементирањето на оваа програма во нашето училиште и најискрено се надеваме дека и родителите ќе  гледаат на неа на истиот начин“

Copyright © 2011-2024 All rights reserved.
This site is using the Desk Mess Mirrored theme, v2.5, from BuyNowShop.com.