Предавање на професори од Гимназија „Добри Даскалов“ во ООУ „Тоде Хаџи-Тефов“
На 24.02.2014 година (понеделник), двајца професори од СОУ Гимназија „Добри Даскалов“ реализираа час во ООУ „Тоде Хаџи-Тефов“ Кавадарци за учениците од VIII одделение.
Проф. по информатика Зоран Милевски им одржа час по информатика на учениците од VIII-а и VIII-в одд. на тема „Компјутерска графика“, додека проф. по економски предмети Лоска Давчева им одржа час учениците од VIII-б одд. на тема „Брендови“.
Двајцата професори – предавачи, преку компјутерски презентации и свои излагања на учениците од осмо одделение им претставија интересни и практични наставни содржини што се изучуваат во гимназиското и стручното образование (економско-правна и трговска струка) при Гимназијата. Притоа, да ја поттикнат желбата кај овие осмоодделенци за избор на СОУ Гимназија „Добри Даскалов”- Кавадарци, како училиште во кое ќе го продолжат своето образование.
Реализацијата на овие наставни часови произлезе од иницијативата на директорката на Гимназијата, Невенка Поп – Ангелова, а во соработка со директорот на ООУ „Тоде Хаџи – Тефов”- Кавадарци, Никола Нешковски, за заедничка соработка на училиштата.
За време на наставните часови, учениците беа внимателни и заинтересирани за презентираните наставни содржини. Тие активно се вклучуваа во наставата, поставувајќи им прашања на професорите – предавачи и изнесувајќи свои ставови за обработуваните теми.
Учениците добија флаери „Стани Гимназијалец!!!“, како и моливи за пишување, и во оваа прилика беа поттикнати да се пријават на Конкурсот за најдобар вокален интерпретатор, рецитатор и најдобра презентација, којшто е во тек и е организиран од СОУ Гимназија „Добри Даскалов”- Кавадарци, наменет за ученици од седмо и осмо одделение.
Ваквиот начин на соработка меѓу училиштата може да се оцени како многу креативен, инспиративен и едукативен!