Успешна соработка на ООУ „Тоде Хаџи Тефов“ и „Кирил Пејчиновиќ“

Posted by Уредник on 05/11/2014 in Последни настани |

Оваа успешна мултикултурна и етничка активност е под покровителство на ОБСЕ и Министерството за образование и наука и е дел од проектот за фондот „Градиме мостови“

По првата дружба за време на тиквешкиот гроздобер во Кавадарци, учениците од ООУ „Тоде Хаџи Тефов“ од Кавадарци и од „Кирил Пејчиновиќ“ од Теарце, од македонска, албанска, турска, српска и ромска националност, ја продолжија дружбата минатата недела во Тетово.
Сите уште ја паметат нивната заедничка изведба на орото „Пајдушко“ среде Кавадарци, а минатиот викенд учениците од Кавадарци беа во Теарце на прославата на Денот на гравот.

Тие учествуваа во креативната работилница и на заеднички штанд продаваа експонати со етносодржина. Домаќините им овозможија посета на Лешочкиот манастир и на новата џамија во Теарце. Тоа за нив претставуваше вистинско доживување, бидејќи за повеќето ученици ова беше прво влегување во муслимански сакрален објект.
Оваа успешна мултикултурна и етничка активност е под покровителство на ОБСЕ и на Министерството за образование и наука и е дел од проектот за фондот „Градиме мостови“.
– Беше вистински предизвик да се реализира овој проект, со оглед на тоа што Кавадарци е етнички хомогено и учениците досега не се мешале со деца со друг наставен јазик. Меѓутоа, за да имаме успешна заедничка активност, макар и еднодневна, требаше сериозен и систематски пристап кон децата. Од многу голема помош ни беше претходната обука од програмата за меѓуетничка интеграција во образованието, која ги постави основите за тоа што претставува квалитетен заеднички проект. Од двете училишта беа вклучени по пет наставници, заедно со директорите – вели директорот на ООУ „Тоде Хаџи Тефов“, Никола Нешковски.


На првата средба во Кавадарци им претходеа пет работилници.
– Основната цел беше надминување на етничките предубедувања и стереотипи и подобрување на комуникацијата и на способноста за ненасилно решавање конфликти – вели Љубица Кочова, психолог во оваа училиште.
Таа смета дека работилниците биле многу полезни, бидејќи на средбата во Кавадарци била остварена поголема интеракција меѓу децата, со оглед на фактот што учениците од Теарце многу малку или воопшто не го зборуваат македонскиот јазик.
Големото пано што го изработија кавадаречките ученици „Градиме мостови за разбирање и за соработка“ најдобро ја покажува основната цел на проектот, а многубројните заеднички фотографии и размена на фејсбук-адреси ќе останат да сведочат за нивните пријателства.
И вработените во ООУ „Тоде Хаџи Тефов“ се горди на партнерските релации со училиштето во општината Теарце. За наредната година е најавен заеднички проект со ОУ „Бајрам Шабани“ од Кондово во општината Сарај.

Текстот е преземен од Нова Македонија.

Copyright © 2011-2024 All rights reserved.
This site is using the Desk Mess Mirrored theme, v2.5, from BuyNowShop.com.