ВО „ТОДЕ ХАЏИ ТЕФОВ“ ГИ НАГРАДУВАМЕ НАДАРЕНИТЕ ДЕЦА ЗА ДА ГИ МОТИВИРАМЕ УШТЕ ПОВЕЌЕ

Posted by ТХТ on 11/12/2017 in Последни настани |

Оваа позитивна практика треба да биде пример за многу училишта во нашата земја. Разговаравме со директорот Никола Нешковски, кој нѐ пречека во ова училиште.

– Фондот за талентирани и надарени деца го формиравме заедно со бизнис-заедницата од Кавадарци и со Советот на родители. Сакавме да ги наградиме надарените ученици и да ги мотивираме да бидат уште подобри. Симболично ги наградуваме и нивните ментори за вложениот труд – ни рече Нешковски, кој осма година го води основното училиште.
„Тоде Хаџи Тефов“ е едно од постарите училишта во општината и постои од 1962 година. Со околу 700 ученици, тоа бележи големи успеси на повеќе полиња. Училиштето работи во две смени. 

Ученикот Дарко Стојчев доби и лаптоп и таблет

Најголем успех на ова училиште е одржувањето построги критериуми во оценувањето на учениците, став кој создал вистински одлични ученици, што се гледа во нивното понатамошно образование.

– Имаме став во училиштето да бидеме построги во оценувањето, да не бидеме предарежливи. Родителите го имаат сфатено тоа.
Гимназијата „Добри Даскалов“ со години наназад прави статистика од кои училишта доаѓаат најдобрите ученици. Го следи успехот на учениците што доаѓаат од основно, дали во гимназија ќе расте или ќе опаѓа. За нашите ученици важи дека успехот го задржуваат. Кога имаме годишен извештај, нашиот успех е 4,30, додека на другите кавадаречки училишта е и по 4,80. Нам ни е јасно дека тој успех е вештачки напумпан. Ние сме училиште што се издвојува со критериумите – вели Нешковски.

Никола Нешковски, директор на „Тоде Хаџи Тефов“

Тој објаснува дека од нивното училиште произлегле многу лекари, економисти, правници, професори на факултети, информатичари.
Ова училиште е вклучено во многу меѓународни проекти. Еден од нив е eТвининг-проектот што го води наставничката по англиски Елизабета Филипова. Таа информира дека нивниот еТвининг проект „Здравје и природа“ (Health and Nature) што го работеле учениците од 7б бил рангиран на второто место од вкупно 952 проекти во Европа што во ноември добиле Европски знак за квалитет.

– Тој проект го работиме постојано. На европско ниво освоивме награда помеѓу 40 држави. Станува збор за електронско поврзување помеѓу училиштата. Децата се вклучуваат со правење опити или слично. Наградата лани ја добивме на тема „Марија Склодовска Кири“. Исто така, работиме на проект за меѓуетничка интеграција. Ние сме едно од првите училишта што освоија грант од 20.000 евра од УСАИД. Наградата не ја добивме како сума, туку добивме добро уреден училиштен двор – објаснува Нешковски.

Во „Тоде Хаџи Тефов“, исто така, се работи и на еколошка едукација во образовниот систем од 2010 година. Веќе четири зелени знамиња има освоено. Се работат и проекти за штедење вода, собирање хартија, еколошко уредување. Имаат грантови и од ОХО-проектите, средства за штедливи светилки. Имавме и грант за штедливи чешми, за летна училница.

Нешковски објаснува дека со добар тим може многу да се постигне.

– Ако работите активно на проекти, ќе имате екстра буџет, а не само тој што го дава Општината и ќе го подобрите училиштето. Треба и наставниците да се мотивираат. Јас имам многу голема поддршка од вработените. Имаме најдено заедничко решение и одлично функционираме во овие осум години.

И второодделенци вклучени во еТвининг проектот

Тој признава дека училиштето треба уште малку да се подобри со надгледни средства што токму програмата „Кембриџ“ ги бара од основните училишта.

– Училиштето ни е солидно средено. Ни помага и Општината. Во овие години ги направивме фасадата, покривот, парно на пелети, се трудиме да сме енергетски ефикасни. Немавме спортска сала, а сега веќе ја градиме. Секогаш кога има нова програма, на почетокот е потешко, но, сепак, помладите наставници полесно се приспособуваат. Но, главно се вклопија. Во секој случај, таа програма е поинтересна и за децата и за наставниците – додава Нешковски.

Во ова училиште се негуваат и секциите – еколошка, драмска, рецитаторска, секција за хуманитарни акции.

 

ПРЕВЗЕМЕНО ОД http://www.fakulteti.mk/

 

Copyright © 2011-2024 All rights reserved.
This site is using the Desk Mess Mirrored theme, v2.5, from BuyNowShop.com.